Сер Џим Ретклиф неодамна откупи 25% од акциите на Манчестер Јунајтед, но доби и целосна контрола над спортскиот сектор, а навивачите очекуваат да донесе позитивни промени бидејќи клубот веќе неколку години се мачи да излезе на вистинските патеки.
Два дена откако беше објавено неговото доаѓање во Манчестер Јунајтед веќе се шпекулира за неговите потези. Ретклиф кој е деклариран навивач на Манчестер Јунајтед ќе мора да почека неколку недели пред официјалните органи и официјално да ја регистрираат зделката.
Сепак, тоа не значи дека ќе седи само скрстени раце. Островските медиуми пренесуваат дека неговите први соработници, Дејв Бреилсфорд и Жан Клод Блан во јануари ќе тргнат со дневен мониторинг на функционирањето на клубот во спортскиот сектор, онаму каде што е задолжен Ретклиф.
Исто така Ретклиф испрати и порака и до навивачите на Манчестер Јунајтед.
„Сакав да ви се обратам поради клучната улога на навивачите во иднината на Манчестер Јунајтед. Верувам дека можеме да постигнеме спортски успех на теренот и така да го додадеме на комерцијалниот успех кој клубот го ужива. Ќе ни треба време и е трпение и највисоко ниво на професионализам. Вие сте амбициозни кога во прашање е Манчестер Јунајтед, но и ние сме.Во спортот нема гаранција, за промени потребно е време, меѓутоа тука сме за да останеме долго и заеднички сакаме да го вратиме Манчестер Јунајтед онаму каде што му е местото – на самиот врв на англискиот, европскиот и светскиот фудбал. Одговорноста која ја имаме е многу сериозна“, порача Ретклиф.