Иван Ракитиќ ѝ се претстави на јавноста како нов фудбалер на Хајдук. Со огромен број фанови кои го пречекаа, Ракитиќ се претстави како нов играч на сплитскиот клуб.
– Да ми кажеше некој пред два-три месеци дека ќе седам овде, ќе му се изнасмеев. Среќен сум и горд што можам да му вратам на хрватскиот фудбал сè што ми даде. Ми се отвори можност да дојдам во хрватската фудбалска лига, а Хајдук беше единствената опција. Среќен сум што уживам овде и едвај чекам да му се приклучам на тимот, да ги почувствувам овие навивачи и да тренирам што поскоро – изјави Ракитиќ.
Тој одговори и на прашањето дали се слушнал со тренерот на екипата, Џенаро Гатузо.
– Се слушнавме. Тренерот е газда, тој ќе знае што да прави. Ќе помогнам на секаков начин, ако треба и како десен бек. Тука сум да помогнам и да го повлечам целиот тим, нема никакви проблеми. Важно е да се запознаеме, да се чувствуваме и тогаш сè ќе си дојде само по себе.
Во текот на минатата сезона во шампионатот, Хајдук Сплит ја освои третата позиција, а со новото засилување се очекува тимот да биде повторно во трка за титулата.
– Сите ја имаме истата желба, а тоа е да победиме на секој натпревар. Само што слетав, сакам да се сретнам со тренерот и со соиграчите. Тоа е она што го сакам. Сите се трудиме, работиме заедно и сите го имаме тој посебен ген дека сакате да победите сè. Едвај чекам да играме, одиме натпревар по натпревар и не сакам да размислувам што ќе се случи за девет месеци. Следниот натпревар е најважен – се зборовите на Ракитиќ.