Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) го одржа денеска својот 50. редовен конгрес во Брисел, потврдувајќи ја здравата финансиска состојба на асоцијацијата, која во моментов има буџет од околу пет милијарди евра, додека резервите изнесуваат 522 милиони евра.
УЕФА е една од најуспешните спортски организации во светот, како што наведе во своето обраќање пред делегатите нејзиниот претседател Александар Чеферин, додавајќи оти иднината на европскиот фудбал, исто така, е светла и покрај бројните предизвици.
За прв пат досега, во сезоната 2024/25, која не го вклучува машкото Европско првенство, вкупните приходи пораснаа на повеќе од пет милијарди евра (5.014), што е зголемување од 737 милиони евра во споредба со сезоната 2023/24. Од оваа бројка, 3,9 милијарди евра беа прераспределени директно на клубовите и националните асоцијации.
„Само оваа сезона, речиси 400 милиони евра ќе бидат распределени на клубови кои не влегле во лигашката фаза на европските натпреварувања, од кои 308 милиони евра ќе одат кај клубови кои воопшто не се натпреваруваат во европските натпреварувања. Дали тоа би постоело во систем управуван исклучиво од профит?“, рече Чеферин во своето обраќање.
За сезоната 2025/26, оваа бројка достигнува 5,136 милијарди евра, додека буџетот за сезоната 2026/27 треба да биде 5,052 милијарди евра. Најголемиот дел од приходите, 81%, доаѓа од медиумски права, 16% од комерцијални партнерства и 3% од билети и угостителство.