Фудбал

Пет милиони барања за билети за СП во фудбал

Пет милиони барања за билети за СП во фудбал

ФИФА објави дека примила пет милиони барања за билети од повеќе од 200 земји во првите 24 часа откако започна третата фаза од продажбата на билети за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико.

Фудбалските фанови од повеќе од 200 земји поднеле пет милиони барања за билети за првото Светско првенство со 48 екипи, кое ќе се одржи помеѓу 11 јуни и 19 јули 2026 година во САД, Канада и Мексико, на веб-страницата fifa.com/tickets.

Најголем интерес беше покажан за натпреварот од групната фаза помеѓу Колумбија и Португалија, кој ќе се игра во Мајами на 27 јуни, по што следуваат натпреварот Бразил-Мароко во Њујорк на 13 јуни, Мексико-Јужна Кореја во Гвадалахара на 18 јуни, Еквадор-Германија во Њујорк на 25 јуни и Шкотска-Бразил во Мајами на 24 јуни.

Најзаинтересирани за купување билети се од земјите домаќини, како и од Колумбија, Англија, Еквадор, Бразил, Аргентина, Шкотска, Германија, Австралија, Франција и Панама.

Оваа трета фаза трае до 17 часот по средноевропско време на 13 јануари. Времето во кое навивачите ги поднесуваат своите апликации не е важно, бидејќи сите ќе бидат вклучени во извлекувањето.

To top