Во Милано пред вечерашниот натпревар во фудбалската Лига на шампиони (ЛШ) меѓу Милан и париски ПСЖ дојде до неколку физички пресметки меѓу навивачите, а во една од нив тешко е повреден симпатизер на францускиот тим, кој, како што пренесуваат локалните медиуми, се бори за живот.
Според медиумите, 34-годишен навивач на ПСЖ бил избоден со нож во главата и ногата и во тешка здравствена состојба е пренесен во една од градските болници. Повредени се и неколку полицајци кои интервенирале во пресметката што се случила изминатата ноќ во населбата Навиља. Едниот од нив бил избоден со тврд предмет во пределот на ногата, а друг е погоден со предмет во главата.
Во други одвоени инциденти, полицијата интервенирала за да спречи ескалација на судир меѓу десетина навивачи на ПСЖ во кинескиот кварт во Милано со локалните жители, како и во една од градските улици каде биле сместени навивачи на францускиот шампион. Еден од нив побарал лекарска помош.
Дуелот меѓу Милан и ПСЖ е на програмата од 21 часот.