Висар Муслиу одигра перфектен меч со Белгија, иако предвреме го заврши заради болки во ногата и можна повреда.
Стоперот по ремито во Гент (0-0) им честита на сите за прикажаното издание, кажа дека тимот го освоил овој многу важен бод, а за мечот со Казахстан, ќе се чекаат лекарските прегледи.
„Почувствував болка во задната ложа како да имам истегнување, но имам додатни прегледи и се надевам дека не е ништо лошо. Мечот со Казахстан е близу и не би можел да шпекулирам ништо. Против нас имавме многу силна репрезентација која игра добро офанзивно и игра страшен фудбал. Не натера да се браниме цело време, ние не планиравме така, но мечот ни наложи така да играме и да се браниме. Но, со нашата дисциплина, борбеност и ангажираност, освоивме тоа што го сакавме и за кое бевме дојдени. Можеби немавме добри офанзивни акции, но причина за тоа беше дека противникот не натера така да играме. Квалитетите на Белгија добро се знаат, какви играчи имаат во екипата и каде сите тие играат. Секој мораше да се вложи на терен максимално, тоа е нашата силна страна, имаме тимски дух и благодарение на него освоивме заслужен бод“, изјави Муслиу.