На прес-конференцијата пред натпреварот со Англија, своите очекувања ги изнесе селекторот и селекторот Благоја Милевски.
„Веќе направивме доста измени и во составот и во начинот на функционирање по дуелот во Манчестер. Веќе имаме нова физиономија на тимот, со доста млади играчи, со добра перспектива според она што го гледаме во последните пет натпревари. Нормално е да имаме осцилации со млад тим, ама тоа мора да се мине. Овие натпревари се одлична шанса, да ги споредите своите можности со најдобрите во Европа и светот. Свесни сме дека проблемот со темпото ни е актуелен веќе со месеци наназад. Ростерот е тој, играчите имаат доста проблеми во своите клубови, ама тука не можеме да помогнеме. Ќе мора да се надеваме дека ситуациите ќе им се променат, за да бидеме што поконкурентни барем на физички план против вакви противници. На нас е да изменаџираме што е можно подобро, секоја чест за момците бидејќи го даваат својот максимум. Тоа се случи и на мечот со Италија, направивме доста измени токму со цел да зачуваме сили.Овие момци не само на утрешниот натпревар, туку и на секој кој го играат од септември наваму, нема шанса да не бидат во најдобро расположение кога играш за репрезентацијата. Во моментов до каде ни е максимумот на индивидуален план е длабока тема, ама познавајќи ги играчите карактерно, знам дека секогаш даваат сè. Утре ни следи натпревар за уживање, шанса да го пробиеме лимитот во овој момент. Факт е дека примивме многу голови, се работи за многу сегменти од кои примивме голови. Кога ќе видиме дека имаме многу играчи со мало искуство на вакви натпревари, па ќе работиме да се подобриме“.
„Учиме од секој натпревар, па и од тој на „Олд Трафорд“. Потоа игравме со Италија во Скопје и имавме доста измени кои дадоа продуктивност и свежина. Имплементиравме доста млади играчи, па веќе и нашиот тим има друг лик, играчи кои се желни за докажување, а внесоа и желба за надигрување во нашиот тим. Ќе почекаме да заврши денешниот тренинг, да имаме целокупна слика, по што ќе одлучам кој ќе игра. Почнувајќи од септември имаме една цел, како федерација и тим, по овој циклус имаме Лига на нации и нов квалификациски циклус, а сега правиме подготовка. Овој натпревар може да ми помогне за да добијам слика со што располагаме за иднината“, изјави Милевски.