Селекторот Благоја Милевски не направи драстични промени на списокот и повика играчи кои веќе претходно го носеа дресот со државниот грб. За составот истакна дека се работи за играчи кои веќе потврдиле дека може да се конкурентни, а пријателските натпревари ги оцени како доста добар и силен тест.
„Во составот на македонската репрезентација се фудбалерите кои потврдија дека можат да бидат конкурентни и со најсилните европски селекции. Остануваме лојални на играчите кои одиграа одлични натпревари во вториот дел од квалификациите за Европското првенство, посебно против големите фаворити, Англија и Италија. Без разлика на формата или статусот во клубовите ќе бидат тука за главната наша цел – Лигата на нации и пресметките кои не очекуваат од септември.
Двата контролни натпревари во Рјека против Хрватска и Храдес Кралове против Чешка ни се важни во подготовките за септемвриските предизвици, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво.
Мора да поправиме и некои работи во играта ако сакаме да забележиме позитивен резултат на претстојните два меча. Мораме подобро, свесен сум за тоа. Создаваме шанси, но мораме да ја подобриме ефикасноста, повеќе да влегуваме во празен простор, да покажеме карактер. Ова се натпревари на кои мотив сигурно нема да недостасува и треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто“, изјави Милевски.