Фудбалската репрезентација на Македонија одигра реми 1-1 против Молдавија во пријателскиот натпревар кој се игра во Анталија.
Селекторот на фудбалската репрезентација, Благоја Милевски по мечот изјави дека е штета тоа што не искористија голем број шанси што ги имаа.
„Можам само да им честитам на фудбалерите за желбата и за шансите кои што ги создадоа. За жал не успеаја да искористат пет или шест одлични шанси кои ги имаа. Противникот со првиот шут во рамки на гол успеа да извади реми. И пред мечот реков дека ќе дадам шанса на некои играчи да видам како ќе се однесуваат на поинакви позиции од тоа што го играат и можам да кажам дека делумно сум задоволен, но има голем простор да исправиме и некои работи. Сакам да барам решение на некои позиции кои ни се проблематични во моментов“, вели Милевски.
Околу тоа што Барди и Алиоски беа сменети во текот на мечот селекторот вели…
„Со оглед на тоа што Барди има проблем со адукторот и работи со послаб интензитет беше договорено да биде порано заменет, а исто така и Џани Алиоски кој нема минутажа во својот тим“, заврши Милевски.