Фудбал

Милевски: Црна Гора е вистински тест за нас

Милевски: Црна Гора е вистински тест за нас

Македонските најдобри фудбалери веќе започнаа детално да го подготвуваат вториот мартовски пријателски натпревар. Новата Црна Гора на Роберт Просинечки утре ќе биде втор спаринг партнер на момците на Благоја Милевски во мартовскиот ФИФА „прозорец“.

На прес-конференцијата нашиот селектор го најави овој дуел.

„Секако дека играме против противник кој во својот ростер има многу квалитетни играчи кои играат во Шпанија, Италија и други силни екипи. Тоа значи дека ние мораме да го подигнеме нашето ниво на игра, особено во завршната фаза од теренот. Не сум задоволен од реализацијата на натпреварот со Молдавија, требаше да постигнеме уште најмалку еден гол од тие шест шанси што ги имавме и да го затвориме натпреварот.

Промени во составот ќе има. Тука сме дојдени да одиграме два натпревари и да го провериме потенцијалот кај некои фудбалери на различни позиции. Тоа го направиме со Молдавија, а така ќе биде и со Црна Гора.

Тешко е да се игра против селекцијата која што го промени селекторот. Сме биле и порано во таква позиција, а исто е и сега. Пак ќе напоменам дека се работи за квалитетна селекција составена од одлични индивидуалци и тоа ќе биде одлична прилика за нас да ги одмериме силите со квалитетен противник. Има неколку ситни повреди, но да видиме како ќе заврши денешниот тренинг, па ќе одлучиме кој ќе може да настапи. Но, знам дека секој што ќе добие шанса ќе го даде максимумот“, рече селекторот.

To top