Фудбал

Марадона починал во агонија

Марадона починал во агонија

„Марадона починал во агонија од белодробен едем и болест на срцевиот мускул“, изјави медицински вештак на денешното продолжение на судскиот процес во Буенос Аирес што се води против седум медицински работници обвинети дека ја предизвикале смртта на аргентинската фудбалска легенда поради небрежност.

Обвинетите се товарат за „убиство со крајна умисла“, карактеристично кога едно лице ќе изврши несовесно дело знаејќи дека тоа може да предизвика нечија смрт.

На седуммината обвинети им се заканува затворска казна од осум до 25 години. Обвинети се неврохирургот Леополд Луке, психијатарот Агустина Косахова, психологот Карлос Дијаз, медицинскиот координатор Ненси Форлини, координаторот на медицинска сестра Маријано Перони, клиничкиот лекар Педро Пабло Ди Спања и медицинската сестра Рикарда Алмирона.
Резултатите од аутопсијата на поранешната фудбалска ѕвезда денеска прв пат се објавени во јавноста и откриваат дека Марадона починал од акутен белодробен едем и болест на срцевиот мускул.

„Срцето на Марадона тежело речиси двојно повеќе од нормалното“, изјави експертот за судска медицина Маурицио Касинели, додавајќи дека во белите дробови на Марадона се акумулирала вода „најмалку десет денови“ пред неговата смрт, што сигурно предизвикувало „агонија“ најмалку 12 часа пред смртта.

„Лекарите и медицинските сестри кои се грижеа за него тоа требаше да го забележат“, им рече на судиите Касинели, кој има 36-годишно искуство и извршени повеќе од осум илјади обдукции.

На ќерката на Марадона, Јана, и беше премногу тешко да ја слушне презентацијата, па ја напушти судницата пред да бидат прикажани експлицитните слики. Новинарите мораа да ги спуштат мобилните телефони и беа предупредени дека снимањето е забрането.

По барање на одбраната на обвинетиот, форензичарот Пабло Ферари, официјален експерт на аргентинскиот Врховен суд во провинцијата Буенос Аирес, минатата година спроведе посебна обдукција, оспорувајќи ги заклучоците што ги изнесе Касинели.

Извештајот на Ферари на 25 страници тврди дека „болната состојба на Марадона траела само неколку минути или најмногу неколку часа“.

Судењето се очекува да трае најмалку до средината на јули, за кое време ќе бидат сослушани 192 сведоци.

Сите обвинети ја негираат вината.

Неколку недели пред смртта на Марадона му беше извршена операција на мозокот.

Аргентинската фудбалска легенда и еден од најдобрите фудбалери на сите времиња почина на 25 ноември 2020 година во приватна резиденција во Буенос Аирес.

To top