Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година се врати на победите и го совлада аутсајдерот и фенерџијата во групата Гибралтар У21 (0-2) во рамки на квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра следната година.
За избраниците на Канатларовски се освен победа над овој ривал ќе беше огромен неуспех, па се заврши работата според планот. Нашиот национален тим со леснотија славеше на гостувањето на незгодниот терен затоа што се игра на вештачка подлога, па до крајот на циклусот ќе игра највисоко за третото место.
Мечот тргна претпазливо, а од првата сериозна шанса и изградена акција Македонија дојде до гол. Се играше 24. минута кога Фитон Адеми ја искористи грешката на домашниот голман при избивање на топка и тргна кон голот, а потоа забележа дека Ване Крстевски е сам, па му додаде, а овој пласира од пред шеснаесетникот.
Вториот гол го постигна претходниот асистент Фитон Адеми. По дегажман на Алчевски, топката со глава ја удри Филип Трпчевски и го пронајде Адеми, па тој излезе пред голот на Гибралтар, дури и го мина голманот и ја заби во мрежата.
Во второто полувреме Македонија имаше шанси и за трет гол, но голманот Авелано беше на висина на задачата и одбрани неколку тешки шутеви. Гибралтар го заврши мечот и со играч помалку затоа што во 85. минута поради груб фаул исклучен беше Перера откако го сопна нововлезениот Матеј Ангелов.
Во следното коло од квалификациите за ЕП У21, Македонија ја чека домашна средба со Молдавија. Со евентуален триумф нашиот национален тим ќе го осигура четвртото место на табелата, во спротивно ќе следат математики и чекање на други резултати