Репрезентацијата на Македонија до 21 година со пораз ги започна квалификациите за Европското првенство во Албанија и Србија во 2027 година.
На гостувањето во Краков, Полска нашите надежи беа надиграни и на крај поразени со 3-0 (1-0).
во 22. минута по акцијата на Пиенко, невнимателен беше Зенделовски и си постигна автогол (1-0). Примениот гол ги раздвижи „рисовите“ и подобро го завршија првиот дел.
Во 32. минута Станиќ го повлече од игра Кире Стојанов и шанса му даде на Михаел Талевски. Сепак, до полувремето единствената наша закана беше ударот на Зенделовски крај голот во 42. минута.
Младите полски фудбалери фуриозно го започнаа второто полувреме.
Капитенот Пиенко и Козубал ги имаа првите шанси во продолжението, но Џеков беше на висината на задачата и запиша нови две интервенции.
Но, нашиот голман остана без реакција на велемајсторијата на Регула, кој во 65. минута постигна атрактивен гол.
Само три минути подоцна Џеков одново капитулираше, откако Пиенко од речиси идентично место како и Регула биеше прецизно и ги постави конечните 3-0.
Во следното коло Македонија во Битола ќе ја пречека Италија, додека Полска гостува во Ерменија.