Ливерпул и официјално се раздели со тренерот задолжен за прекини во првиот тим, Арон Бригс, по 18 месеци минати во клубот.
Одлуката доаѓа по серијата лоши дефанзивни резултати, бидејќи оваа сезона Ливерпул има примено најмногу голови од прекини (без пенали) од сите клубови во петте најсилни европски лиги – вкупно 12.
Бригс формално ја презеде улогата тренер за прекини летово, но раководството на клубот процени дека е потребна интервенција.
Новинарот Пол Џојс од „Тајмс“ објави дека одговорноста за прекините отсега ќе ја преземат менаџерот Арне Слот и останатиот дел од стручниот штаб, меѓу кои Сипке Хулсхоф и Џовани ван Бронкхорст.
„Ливерпул потврдува дека Арон Бригс ја напушти позицијата тренер за прекини во машкиот прв тим.
Откако му се приклучи на клубот во јули 2024 година – првично како тренер за индивидуален развој – Бригс даде свој придонес во освојувањето на титулата во Премиер лигата минатата сезона како дел од стручниот штаб на Арне Слот.
Тој заминува со благодарност и најдобри желби од сите во клубот.“.