Фудбалскиот клуб Реал Мадрид му нуди нов договор на Тони Крос, но поранешниот германски репрезентативец не е сигурен дали сака да одигра уште една сезона за „кралскиот клуб“.
Германецот има договор со Реал до 30 јуни следната година. Шпанските медиуми потсетуваат дека тој претходно неколку пати изјави дека сака да го напушти Реал додека е во врвна форма.
„Крос не сака да му се случи она што му се случи на Марсело минатата сезона или, во помала мера, она што му се случи на Лука Модриќ оваа сезона. Тој сака да го напушти клубот додека е важен играч, додека е стартер, додека има добра сезона“, пишува „Марка“.
Германецот е член на Реал од 2014 година, а претходно настапуваше за Баерн Минхен и Баер Леверкузен. За Реал одигра 440 натпревари и постигна 28 гола.
Со Реал освои 19 трофеи, а оваа сезона настапи на 23 натпревари. Крос се повлече од германската репрезентација во 2021 година.