Претседателот на првата фудбалска лига (Супер Лига) во Грција, Вангелис Маринакис денеска си поднесе оставка од досегашната позиција, откако претходно четири фудбалски клубови најавија дека ќе достават барање да му се изгласа недоверба, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис, кој воедно е и сопственик на фудбалскиот клуб Олимпијакос, пред почетокот на денешниот состанок на управниот одбор на кој требаше да се разгледа барањето за недоверба од Панатинаикос, АЕК, ПАОК и Арис, преку писмо си поднесе оставка.
Во писмото вели дека категорично го осудува секој облик на насилство и во општеството и во фудбалот, а Олимпијакос бил првиот тим што постави камери на стадионот, како што истакнува, пред тоа да го соопшти Владата.
Откако во четвртокот пред салата во која беше во тек одбојкарскиот натпревар меѓу Олимпијакос и Панатинаикос, тешко беше повреден полицаец, од пиротехничко средство фрлено од навивач, Владата соопшти низа мерки за справување со спортското насилство, меѓу кои и одигрување на сите натпревари од првата фудбалска лига, без навивачи, што важи и за натпреварот на Олимпијакос во Лига Европа. (МИА)