Шпанија и Аргентина, како актуелни шампиони на Европа и Јужна Америка, ќе се соочат на 27 март идната година во Катар во второто издание на „Финалисима“, објави денеска Европската фудбалска федерација (УЕФА).
Во 2021 година, УЕФА и Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) одлучија да го обноват соочувањето меѓу шампионите на двата континента, а една година подоцна се одржа првата „Финалисима“ на Вембли во Лондон, во која Аргентина ја победи Италија со 3-0.
Второто издание ќе се игра на стадионот Лусаил, на 20 километри од Доха, кој беше домаќин на финалето на Светското првенство во 2022 година во кое Аргентина ја освои својата трета светска титула, совладувајќи ја Франција со 4-2 на пенали (по продолженијата беше 3-3).
Дуелот во Доха ќе биде 15 меѓусебен дуел на Аргентина и Шпанија, а двете репрезентации досега имаат по шест победи. Последен пат се соочија во март 2018 година во пријателски натпревар во Мадрид, кога Шпанија победи со 6-1.