Хрватскиот прволигаш Хајдук ја раскина денеска соработката со тренерот Мислав Карлоган (41), а според написите во хрватскиот печат пред заминување од сплитскиот клуб е и македонскиот фудбалски репрезентативец Александар Трајковски (31).
Разрешувањето на Карлоган доаѓа по елиминацијата на Хајдук во полуфиналето на хрватскиот Куп, како и серијата од три порази во првенството кои драстично ги намалија шансите на клубот од Сплит за освојување на шампионската титула.
На девет кола до крајот на хрватското првенство, Хајдук е третопласиран на табелата со 55 бодови, десет помалку од лидерот Риека.
Дел од хрватските медиуми објавија дека на Хајдук му претстои и целосна реконструкција на играчкиот кадар, а според истите извори, сплитскиот клуб на крајот од сезоната ќе ја раскине соработката со македонскиот репрезентативец Александар Трајковски.
Македонецот одигра само 10 натпревари и постигна еден гол откако му се приклучи на Хајдук во септември лани, кога потпиша договор до лето 2025 година.