Фудбалерите на Интер со 1:0 го победија тимот на Јувентус на преполниот „Џузепе Меаца“ во 23. коло од Серија А и со победата во големото дерби направија огромен чекор кон освојување на титулата шампион на Италија.
Интер беше многу поквалитетен тим во првото полувреме против безопасниот Јувентус, а тоа го потврдува и фактот што во првите 45 минути упати 9 удари кон гостинскиот голман со 61% посед на топката.
Како награда за добрата игра пристигна гол на осум минути пред паузата кога Федерико Гати си постигна несмасен автогол. Првото полувреме заврши со тој резултат.
VIVIAMO PER QUESTE EMOZIONI 🔥🖤💙#ForzaInter #InterJuventus pic.twitter.com/Q4SdgDkasW
— Inter (@Inter) February 4, 2024
Јувентус одигра многу подобро во преостанатиот дел од натпреварот, ја презеде иницијативата, но одбраната на Интер предводена од голманот Јан Зомер и беспрекорниот Франческо Ачерби без проблем можеше да се носи со нападите на „Старата дама“, па резултатот не се промени.
„Нераѕурите“ имаа и неколку одлични шанси да го зголемат водството, не завршниот чекор или беше несмасен или полскиот репрезентативец Војчех Шченсни ги спасуваше гостите со одлични одбрани.
Интер сега го обезбеди првото место во Серија А со четири бода повеќе од второпласираниот Јувентус, а клубот од Милано има и натпревар помалку, оној одложениот против Аталанта поради учеството во Суперкупот.
Во следното коло Интер ѝ гостува на Рома в сабота од 18 часот, додека Јувентус ќе биде домаќин на Удинезе во понеделник вечерта.