Фудбал

Грција од идната недела ги отвора фудбалските стадиони за навивачи

Грција од идната недела ги отвора фудбалските стадиони за навивачи

Грција од 13 февруари ќе им дозволи на фудбалските навивачи да присуствуваат на натпреварите од првата лига, два месеци откако вратите беа затворени поради смртта на полицаец во навивачко насилство на одбојкарски натпревар.

Полицаецот почина во декември неколку денови откако беше тешко повреден со факел во насилни судири кои се случија на одбојкарски натпревар во Пиреја.

Грчката Влада денеска соопшти дека навивачите ќе можат да се вратат на фудбалските стадиони од идниот вторник, но под многу построги правила.

Заменикот министер за спорт Јанис Вруцис наведе дека фудбалските и кошаркарските клубови од идниот месец се обврзани да постават безбедносни камери на терените како услов своите домашни натпревари да ги играат пред публика.

Почнувајќи од 9 април, пак, навивачите ќе мораат да се идентификуваат преку мобилна апликација на грчката Влада при влез во спортскиот објект.

„Должност на државата е да се грижи за безбедноста“, рече Вруцис, објавувајќи ги нови правила за присуство на навивачи на спортските случувања во Грција.

To top