Еден од потпретседателите на Германската фудбалска асоцијација (DFB) смета дека националните тимови треба да размислат за бојкот на Светското првенство во 2026 година поради однесувањето и постапките на американскиот претседател Доналд Трамп.
Оке Готлих, член на извршниот одбор на ДФБ и претседател на бундеслигашкиот клуб Сент Паули, изјави дека „дојде време“ сериозно да се разгледа и дискутира“ можноста за масовно повлекување од турнирот, кој се одржува ова лето во САД, Мексико и Канада, пишува Дејли Меил.
Повикот на Готлих дојде откако Трамп во последните недели ја доведе во прашање силата на НАТО алијансата, изрази интерес за преземање на Гренланд, кој е територија на Данска, и се закани дека ќе воведе царини за осум европски земји кои се спротивставија на потегот.
Поради ваквите потези што ги нарушија односите со клучните сојузници, Готлих смета дека сериозно треба да се дискутира за бојкот.
Готлих направи паралела со историските спортски бојкоти. „Кои беа оправдувањата за бојкотирање на Олимписките игри во 1980-тите?“, праша тој.
„Според мене, потенцијалната закана е поголема сега отколку што беше тогаш. Треба да разговараме за ова.“ Тој, исто така, го критикуваше она што го смета за недоследност во ставот на фудбалскиот свет, споредувајќи ја ситуацијата со претходното Светско првенство.