Килијан Мбапе доби „кралски“ пречек на промоцијата како играч на Реал Мадрид и истата се случи набрзо по завршеното Европско првенство, но бидејќи после тоа имаше заслужен одмор, Французинот дури вчера се приклучи на тренинзите на првиот тим.
Францускиот голгетер се врати на тренинзите заедно со другите интернационалци кои имаа продолжен одмор, а официјалниот телевизиски канал на Реал Мадрид не пропушти да нагласи дека напаѓачот бил возбуден во текот на целата сесија.
Мбапе пристигна како голема фудбалска ѕвезда откако му заврши договорот со ПСЖ, па сега ќе ја сочинува пеколната офанзива на Анчелоти од која дел се и Винисус, Родриго, Белингам, Ендрик и Брахим Дијаз.
Килијан ќе има почетен процес на адаптација и останува да се види дали ќе добие шанса против Аталанта во европскиот Суперкуп, финале за кое Анчелоти најави дека ќе им даде предност на играчите кои играа во големото финале во Лигата на шампиони (со исклучок на Начо и Крос кои веќе не се дел од тимот).
Самиот Мбапе преку социјалните мрежи не пропушти шанса да го одбележи својот прв ден во Валдебебас, испраќајќи низа фотографии од тренингот за загревање.
Día 1. ¡HalaMadrid! 🤍🤍🤍 @realmadrid pic.twitter.com/bJ8XHT2GNp
— Kylian Mbappé (@KMbappe) August 7, 2024