Екипата на Фудбалскиот клуб Пелистер и донесе уште една радост на спортска Битола. Со денешната победа над ФК Башкими, битолскиот клуб, обезбеди сигурен пласман во Првата македонска фудбалска лига.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, испрати честитки до фудбалерите, навивачката група Чкембари и сите граѓани поддржувачи на клубот:
„ФК Пелистер се врати таму каде што припаѓа, во првата македонска лига! Честитки за играчите, стручниот штаб, управата, верните Чкембари, нашиот 12 играч на теренот и сите оние кои дадоа поддршка изминатиот период ФК Пелистер да се врати таму каде што и припаѓа. Но секако дека нема да застанеме тука, Битола и битолчани заслужуваат врвен ФК Пелистер, клуб кој ќе се бори за титули и за излез во Европа. Само еден тим! Само еден град! Само Пелистер! Само Битола!“, порача градоначалникот Коњановски, нагласувајќи дека Општина Битола, продолжува да биде силен поддржувач на клубот на патот кон новите успеси.