Шпанскиот фудбалски гигант победи на натпревар на кој во ниту еден момент не заслужи да освои три бода, но фудбалот е сурова и непредвидлива игра, во која доста често знаат да триумфираат оние кои се поефикасни.
Барса постигна гол во самата завршница од судиското продолжение и погодокот на Араухо беше жестока казна за сите неискористени шанси на домаќините, по што и самиот Чави призна дека неговиот тим имал огромна среќа во Сан Себастијан.
– Ова се златни три бода за нас, неверојатна победа со оглед на тоа што го прикажавме. Не бевме добри, страдавме на теренот и тие беа поагресивни и подобри од нас. Реал Сосиедад заслужи подобра среќа од завршниот пораз, но таков е фудбалот. Денеска ни се насмевна среќата која ја немавме на „Ел Класико“. Пред една недела заслуживме да победиме, а не го направивме тоа, но сега победивме на вака лош натпревар. Се надевам дека овој триумф ќе ни даде самодоверба за во иднина, но мора да бидеме самокритични после вакво издание. Првите 25 минути кои ги одигравме беа неприфатливи, не очекував победа после она што го видов на теренот, – искрено изјави Чави.