„Нетфликс“ (Netflix) надмина 325 милиони претплатници ширум светот. Компанијата вчера го објави своето прво ажурирање за бројот на клиенти за оваа година.
Во последното тримесечје, „Нетфликс“ бележи зголемување на приходите за 17,6 отсто на годишно ниво – на нешто над 12 милијарди долари. Нето-добивката достигна 2,42 милијарди долари, што е зголемување од речиси 29 отсто во однос на претходната година. За споредба, американската стрим-услуга ја заврши 2024 година со 301,6 милиони платени клиенти, јави ДПА.
„Нетфликс“ деновиве се стреми да ги купи студијата и стрим-услугите на холивудскиот конгломерат „Ворнер брос дискавери“ (Warner Bros Discovery). Договорот би бил вреден околу 83 милијарди долари. Во однос на тие збиднувања, акциите на „Нетфликс“ изгубија околу 30 отсто од својата вредност.
„Нетфликс“, во таа битка на лицитирање се надмудрува со соперничката компанија „Парамаунт“ (Paramount), којшто сака да го купи „Ворнер брос“ целосно, во договор вреден повеќе од 100 милијарди долари. Зделката би вклучувала и телевизиски мрежи како „Си-ен-ен“ (CNN) и други.