Се подготвува четвртиот филм од романтично-комичната сага за Бриџит Џонс, при што главната улога повторно ќе ја толкува Рене Зевлегер. Продукцијата почнува овој мај во Лондон, Велика Британија.
Насловната хероина, во третиот дел од пред осум години, дозна дека е бремена и се обидува да открие кој е таткото… Продолжението ја прикажува Бриџит Џонс во улога на мајка.
На крајот на последниот филм, таа одлучи да се омажи за Марк Дарси (ликот на Колин Фирт). Новиот филм е заснован на романот на Хелен Филдинг од 2013 година „Бриџит Џонс: Луда за момчето“, во којшто Бриџит, како новопечена самохрана мајка, се обидува да најде рамнотежа меѓу воспитувањето мало момче и интернет-страниците за запознавање и дружење. Тоа значи дека ликот на Фирт е убиен во воените виори на Источна Африка.
Но, според сегашните првични податоци, во четвртиот филм повторно ќе се појават и Фирт и Хју Грант кој го глуми ликот Даниел Кливер. (МИА)