Зоран Марјановиќ денеска накратко изјавил дека не е виновен, а почетокот на судењето за убиство на неговата сопруга е закажано за 19-ти март.
Како што неофицијално дознаваат српските медиуми, обвинителството целосно останало на обвинението и доказите, а одбраната предложила да се изврши реконструкција на местото на убиството на Јелена Марјановиќ кај Борча.
-Нашиот извор открива дека бранителите на Зоран Марјановиќ инсистирале на реконструкција, тврдејќи дека е невозможно убиството да се случи како што е опишано во обвинението. Исто така, бранителите инсистираат директно да се сослушаат сите сведоци, како и до судот да се достават сите докази собрани во текот на предистражната постапка, при што, наводно, полицијата и обвинителството ги анализирале базните станици и земале изјави од лица кои подоцна не биле сослушани во кривичната постапка, пишува ПИНК.РС.
Деталната одбрана Марјановиќ треба да ја изнесе во продолжението на судењето на 19-ти март.
Да потсетиме, Зоран Марјановиќ е обвинет дека на 2 април 2016 година ја убил сопругата, пејачката Јелена Марјановиќ. Со првостепената пресуда тој беше прогласен за виновен и осуден на 40 години затвор, но Апелациониот суд ја укина таа пресуда и нареди повторно судење.
Новото судење започна денеска, а Марјановиќ во Палатата на правдата дојде во придружба на своите адвокати, облечен целиот во црно.
На претходните судења за поддршка му дошле неговиот брат, снаата, синот од неговиот прв брак, а на изрекувањето на првостепената пресуда со него била и Зорица Митровиќ, неговата партнерка.
Никој од нив не бил на суд денес.