СЈО наместо како независна институција делувало како партиски штаб на СДС. Зоран Заев и луѓе блиски до него давале насоки и директиви кој предмет ќе биде одработуван, каде ќе биде распореден и кој треба да биде обвинет, се вели во партиското соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешната обвинителка од СЈО, Лејла Кадриу тврди дека четворица адвокати на Заев вршеле притисок врз обвинители за предметот „Пуч“. Во СЈО дошле 4 адвокати на Зоран Заев, да ги убедуваат обвинителите да се пуштат лица од притвор за предметот „Пуч’’. Биле убедувани да дадат позитивно мислење за да може предметот да се преземе од ОЈО ГОКК, за да може предметот да биде работен од СЈО. Истиот овој предмет, потоа бил донесен во СЈО, спакуван во кутии и заштитна фолија. Овој предмет требало да го работат Ленче Ристоска и Лиле Стефановска. Предметот бил оставен да фаќа прашина, а обвинителките не оделе на рочиште, што според обвинителката Кадриу, тој предмет и денес ако се најде, се уште би бил со заштитна фолија, ниту отворен, ниту разгледан. Кадриу тврди дека предметот бил префрлан и чуван без суштинска постапка, што отвора сомнежи за неговото реално процесирање. Кадриу посочува и дека најмалку уште два предмети, меѓу кои случаите поврзани со Гордана Јанкуловска и „Нешковски“, биле политички мотивирани и користени за постигнување одредени политички цели. Поради сериозноста на изнесените тврдења, неопходно е Јавното обвинителство темелно и непристрасно да ги истражи сите наводи, со цел вистината да излезе на виделина и да се утврди евентуална одговорност, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Само преку транспарентна и независна постапка може да се врати довербата на граѓаните во институциите и владеењето на правото, додаваат од владејачката партија.