Принцот Хари утрово се појави во Високиот суд во Лондон по повод долгоочекуваното правно сослушување, а пред да влезе во институцијата се сврте кон фотографите и подигна два прста како знак на мирот.
Принцот Хари поднесе жалба за одлуката на Високиот суд кој го одби неговото барање да биде придружуван од вооружени телохранители кога е со семејството во Велика Британија. Во 2024 година, судијата на Високиот суд го отфрли барањето на Хари против Министерството за внатрешни работи во врска со безбедносните аранжмани за него и неговото семејство кога беа во Велика Британија, пренесува „Метро“.
Адвокатите на принцот Хари изјавија дека помладиот син на кралот Чарлс бил „издвоен“ и третиран „неповолно“ кога Високиот суд донел одлука, поднесена во 2020 година, дека тој и неговото семејство немаат потреба од заштита, а процесот на жалба ќе трае два дена почнувајќи од денеска.
Како што тврди принцот Хари, неговото семејство е под закана секој пат кога ќе одлучи да ја посети својата татковина и се плаши, како што вели, „расизам и екстремизам“, а како пример го наведе инцидентот од 2021 година кога бил во посета на хуманитарен настан во Kew Gardens и кога едвај ги избегнал новинарите кои го бркале до автомобилот.
Минатата година беше откриено дека неговата правна битка против одлуката на Министерството за внатрешни работи ја чинела владата на Велика Британија повеќе од 600.000 фунти.
И додека многумина мислеа дека можеби конечно ќе се сретне со својот татко, денеска кралот Чарлс замина во државна посета на Италија, само неколку часа пред принцот Хари да слета во Велика Британија.
Да потсетиме дека односите меѓу кралот и неговиот помлад син се затегнати откако принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл решија да го напуштат кралскиот живот и да започнат нов во Америка, а наскоро започнаа и нивните правни битки.