Познати

ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО НА АЛЕК БОЛДВИН: Обвинет за убиство од небрежност за време на снимањето на „’Рѓа“

ПОЧНУВА СУДЕЊЕТО НА АЛЕК БОЛДВИН: Обвинет за убиство од небрежност за време на снимањето на „’Рѓа“

Денеска треба да почне судењето на американскиот актер Алек Болдвин за убиство од небрежност за време на снимањето на филмот „’Рѓа“, иако се уште не се знае дали Болдвин ќе сведочи.

Болдвин, кој беше на слобода без кауција додека го чекаше судењето, иако не може да пие алкохол или да поседува огнено оружје, се соочува со затворска казна до 18 месеци доколку биде прогласен за виновен, пишува Асошиејтед прес.

Актерот во понеделник имаше прелиминарно рочиште за прифатливи докази и се очекува секој ден да биде на суд.

Изборот на жирито ќе започне денес, а судијката Мери Марлоу Самер во понеделникот рече дека очекува оти статусот на славна личност на Болдвин нема да ги спречи да изберат жири за еден ден и да започнат со расправиите почнувајќи од среда.

Болдвин остана на своето изјаснување за невин и рече дека не го повлекол чкрапалото додека вежбал за време на пробата во која загинала директорката на фотографија Халина Хачинс, а рането беше уште едно лице, но обвинителите тврдат дека Болдвин ги игнорирал безбедносните стандарди во врска со ракувањето со огнено оружје на сетот.

Неговите адвокати тврдеа дека тој не треба да биде прогласен за виновен бидејќи нема причина да мисли дека пиштолот бил наполнет со вистински куршум, бидејќи боева муниција наводно не била дозволена на снимањето.

Судењето, кое ќе се пренесува во живо на телевизија, се очекува да трае околу две недели и ќе се одржи во округот Санта Фе, Ново Мексико.

Хачинс беше убиена на 21 октомври 2021 година во случајно пукање, додека Болдвин го држеше пиштол со кој Хачинс е погодена во градите, а режисерот Џоел Соуза во рамото.

Иако Болдвин рече дека не го повлекол чкрапалото, обвинителството рече дека има негови фотографии со прстот на чкрапалото и дека пиштолот не може да пука доколку не се повлече чкрапалото.

Во новообјавените судски документи, обвинителите тврдат дека Болдвин „не ги контролирал“ своите емоции на снимањето и дека „често врескал и пцуел, себеси, членовите на екипажот или никого конкретно без посебна причина“.

Хана Гутиерез-Рид беше прогласена за виновна во март за убиство од небрежност за нејзината улога во смртта на Хачинс.

Најнови вести од Познати

To top