Обожавателите на пејачката Тејлор Свифт во Велика Британија потенцијално изгубиле повеќе од милион евра поради измамници кои продаваат лажни влезници за концертите од нејзината турнеја „Ерас“, според проценките на „Лојдс банка“.
Оваа банка издаде предупредување до купувачите врз основа на анализа на пријавени измами, како и податоци од „Шкотската банка“ и „Халифакс“. Повеќе од 600 клиенти на „Лојдс банка“ пријавиле дека биле измамени откако картичките биле пуштени во продажба во јули 2023 година. Секоја жртва изгубила во просек по 332 фунти, а во некои случаи загубата била повеќе од 1.000 фунти.
– Лесно е да дозволиме нашите емоции да нè надвладеат кога ќе дознаеме дека нашиот омилен изведувач ќе настапува во живо, но важно е да не дозволиме тие емоции да ни го поматат расудувањето кога се набавуваме билети, предупреди Лиз Зиглер, стручњак за спречување измами во банката.
Со бројки засновани исклучиво на сопствените податоци за клиентите, „Лојдс“ проценува дека најверојатно имало најмалку вкупно 3.000 жртви низ В Британија. Обожавателите на возраст 25 – 34 години биле претежно мета на препродавачите на влезници, а многумина од нив наидуваат на овие измами на социјалните мрежи.
Според извештаите, турнејата „Ерас“, којашто веќе го собори рекордот, треба да заработи повеќе од милијарда долари.
Измамата при купување вклучува испраќање пари преку интернет за услуги кои се лажни, т.е. непостоечки, како и „ексклузивни“ карти за настани коишто се веќе распродадени.