Во болницата во која се лекувала Кејт Мидлтон дошло до повреда на безбедноста, бидејќи персоналот во установата е обвинет дека се обидел да пристапи до нејзината приватна медицинска документација.
Откако било откриено дека најмалку еден член на персоналот се обидел да пристапи до кралските белешки, шефовите на клиниката во Лондон каде принцезата од Велс беше подложена на операција на абдоменот во јануари, започнаа истрага за овој случај.
Еден од враотените рекол дека „ова е големо нарушување на безбедноста и неверојатна штета за болницата, со оглед на нејзината неизвалкана репутација во лекувањето на членовите на кралското семејство“.
„Целиот медицински персонал е шокиран и вознемирен поради обвиненијата и длабоко повреден што наводно колега од доверба би можел да биде одговорен за таквото кршење на довербата и етиката.“
Како што пишува „Дејли мејл“, шефовите на болницата веднаш по ова сознание стапиле во контакт со палатата Кенсингтон и ја увериле дека истрагата ќе ја спроведат до крај.
Истрагата доаѓа во време на многу шпекулации за здравјето на принцезата, за кои Кенсингтонската палата не сакаше да се огласи пред Велигден.
Теориите на заговор кои се појавуваа во јавноста беа дека Кејт е мртва, дека е заменета со двојничка и дека нејзиниот брак со принцот Вилијам е во криза.