Американката глумица Џоди Фостер во ново интервју за „НПР“ раскажа како била „спасена“ од сексуална злоупотреба во Холивуд – тоа е затоа што стекнала моќ во филмската индустрија на прилично млада возраст. Дел од таа моќ, вели, произлегла од номинацијата за „Оскар“ на 12 години за нејзината улога во филмот „Таксист“ на Мартин Скорсезе, којшто „ја поставил на побезбедна основа“ во споредба со други глумци-тинејџери.
– Навистина морав да го испитам тоа – како се спасив? Секако, имаше микроагресии, се присети подоцнежната двократна добитничка на „Оскар“. – Секој кој бил на некакво работно место, имал искуство со мизогинистички микроагресии. Тоа е само дел од тоа да се биде жена, нели? Но, што ги спречи оние полоши, ужасни искуства? Она во што почнав да верувам е дека имав одредена моќ додека имав, да речеме – 12 години. Значи, кога веќе ја имав мојата прва номинација за „Оскар“, бев дел од таа различна категорија луѓе кои имаа моќ и бев „премногу опасна“ за да ме допрат. Можев да уништам кариери на некои луѓе ако се јавам на „вујко ми“, па не бев достапна, појасни Фостер.
Таа вели дека, сепак, сѐ тоа можеби е и до нејзината личност.
– Тоа што сум човек кој пристапува кон светот со својата глава. Многу е тешко емоционално да ме манипулирате, бидејќи не функционирам со моите емоции на површината. Напасниците користат сè што можат за да манипулираат и да ги натераат другите луѓе да го прават она што првиве сакаат да го прават. И, тоа е многу полесно кога лицето е помладо, послабо, кога нема моќ. Токму тоа е однесувањето на напасникот – користење на моќта за да се понижат луѓето, за да се доминира врз нив, изјави „оскаровката“.
Фостер подоцна ќе стане пример за другите колешки и колеги кои се бореле со сексуализацијата и вознемирување во индустријата. Натали Портман во друга прилика откри дека повозрасната колешка ѝ се јавила откако ја слушнала како зборува за проблемите со сексуализацијата.
– Одржав говор на Женскиот марш за тоа како бев сексуализирана како млада актерка, и таа ме контактираше после тоа. И разговаравме, и беше неверојатно. Таа е сè уште пример за сите, нагласи Портман.
Слично како Фостер, и Портман имаше 11 години кога ја добила својата улога на пробив во „Леон: Професионалецот“, по што опасностите од сексуални напасници биле на секој чекор. Портман вели дека нејзината мајка била со неа „цело време грижејќи се никој да не ѝ се приближи“ на детето-глумица, и додаде дека со таквите појави нема шега – секоја закана од сексуално вознемирување ја сфаќала сериозно.