Бил Гејтс призна дека разводот со Мелинда, по 27 години брак, е нешто за што најмногу жали во животот.
-Сега сум поведар, призна тој во интервју за лондонскиот Тајмс, но додаде дека крајот на бракот е грешката за која најмногу жали.
Иако можеби има други неуспеси, ко-основачот на Мајкрософт рече дека разводот е „на врвот на листата“.
-Има и други грешки, но ништо важно. Разводот за мене беше број еден најмалку две години, рече тој.
Поранешната двојка, која сега излегува со други луѓе, одржува пријателски односи по нивната разделба.
-Јас и Мелинда сè уште се гледаме, имаме три деца и две внуци, така што има семејни настани. На децата им оди добро. Тие имаат добри вредности, рече Бил.
Милијардерот рече дека бракот го држел „приземјен“ додека ја создавал својата компанија.
За потсетување, Бил и Мелинда се венчаа во 1994 година и се родители на три деца – Џенифер (28), Рори (25) и Фиби (22). Двојката потврди дека се разведуваат во мај 2021 година, иако беа разделени една година пред објавувањето.