Актерот Моамер Касумовиќ од Босна и Херцеговина, кој во 2023 година беше осуден за полови дејствија врз малолетник, ќе биде вклучен во регистарот на педофили во Црна Гора, потврди Министерството за правда на оваа земја.
Според одговорот од ова министерство, кој го добила црногорската Побједа, се појаснува дека регулативата за начинот на водење на казнената евиденција предвидува дека во неа се опфатени лица осудени за кривични дела од странски судови и тоа црногорски државјани, странски државјани и лица без државјанство кои се родени на територијата на Црна Гора и странски државјани и лица без државјанство со постојан престој во Црна Гора, за што се доставени податоци до Министерството за правда.
Барањето е испратено поради фактот што Касумовиќ е роден во Црна Гора (град Бијело Поље) и дека моментално живее и работи во оваа земја.
Касумовиќ во 2021 година беше пријавен за кривично дело полови дејствија врз малолетно лице.
По второстепената пресуда, донесена во 2023 година во Општинскиот суд во Сараево, тој доби казна затвор од една година.
Актерот си ја откупил казната, што е можно според законот во Босна и Херцеговина, а еден ден чини 100 конвертибилни марки. Аваз.ба пишува дека од Општинскиот суд во Сараево потврдиле дека актерот ја откупил казната со тоа што платил 36.500 конвертибилни марки или 18.250 евра.
Актерот се прослави со улогата на Дамир Фазлиновиќ во серијата „Луд, збунет, нормален“.