Out of City е првиот македонски AI анимиран музички спот, дело на уметникот и музичар Александар Пешевски. Видеото е направено со алатките Runway AI и Movavi video editor, и за истото му биле потребни три дена.
Зошто AI? Како што објаснува Александар, пред се тука се работи за љубопитност и заштедување на буџет. На пример, за една целосна продукција на видео спот во земјава се потребни неколку илјади евра – додека со AI истото се прави за многу помалку.
“Во однос на кастинг на ликови, локации, опрема и слично за снимање видео спот, тука се заштедува време и пари. Сепак, да нагласам, јас ова го правам од љубопитност и од буџет позиција,“ вели Александар, кој неодамна го објави и својот албум Blank Page, каде Out of City е една од осумте песни.
Дали леснотијата со која оваа технологија може да создаде вакви дела е лоша или добра вест за уметниците? Според Александар, неговата креативност никогаш нема да биде заменета од страна на вештачката интелегигенција.
“Моето искуство и креативност не може да биде заменето со AI. Доколку правилно се употреби, AI-то може само да биде алатка од процесот. Како што Фотошоп што има свои финкционалности, истиот случај е и со AI. На дизајнерот останува дали генерираниот дизајн ќе го прифати како финален без вложување особен напор, или тоа ќе биде само дел за склопување на краен резултат,“ вели тој.
За самиот процес, пак, тој вели дека иако на прв поглед можеби делува лесно, сепак, треба да се вложи доста напор за да се дојде до посакуваниот резултат и изглед.
“За изработка на ова видео ми беа потребни три денови (тука не е вклучено истражувањето), со околу 1,000 генерирани фотки и видеа базирани на текстуално објаснување. Не е баш едноставно како што се рекламира. Мојот проблем е тоа што колку и да давам опис за сцената која ми е потребна, додека не ја видам, не знам на што сум,“ објаснува Александар.
Дополнително, тука се и аномалиите на самиот софтвер, па така и кај AI алатките има доста простор за подобрување.
“Може да заебележите многу аномалии на видеото, едноставно кажано, 40 проценти се онакви какви сум ги побарал од софтверот, 30 проценти сум прифатил од тоа што било понудило како опција, и останатото се аномалии кои доколку би решил да ги менувам, полесно би било да најдам друга алтернатива,“ потенцира Александар, додавајќи дека сепак, опцијата за музички спот со живи актери и човечка енергија останува нешто што е незаменливо.