Тој е еден од носечките современи македонски текстописци, чија работа значително влијаела и се’ уште влијае врз развојот на македонската поп и фолк музика од осамостојувањето на Македонија, па се’ до ден денес. Автор – текстописец е со над 1.500 напишани песни („детски, забавни, народни“) , но создал и други креативни проекти.
Неговите текстови во своите песни ги испеале најголемите македонски музички изведувачи од неговото време – од Гоце Арнаудов до Тоше Проески. Во соработка со Тоше Проески 26 негови текста се интерпретирани од македонскиот музички ангел. Некои од нив се и неговите најпознати хитови, како: „Тајно моја“, „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Има ли ден за нас“, „Излажи ме уште еднаш“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“…
Признат и наградуван пет пати како текстописец на годината на најрелевантната манифестација која го валоризираше креативниот труд на авторите и изведувачите во самостојна Македонија, познатите „12 Величествени“. Во 1998 година ја добил и наградата „Златната Буба Мара на популарноста“ за најдобар текстописец. Три пати е и добитник на награда за најдобар автор на фолк текстови во Македонија.
Токму неговото присуството на фестивалот „Охрид фест“ – Охридски трубадури“ на кој годинава поторно беше меѓу наградените, го искористивме за гостување во летната, студиски дислоцирана верзија на интер ток шоуто „Ништо лично“, каде со најпознатиот македонски текстописец и лирски автор разговараше вашиот поткаст домаќин Антонио Димитриевски.
За почетоците и чудната средба со поп ѕвездите Владо Јаневски и Роберт Саздов на неговото прво учество на Макфест, за фестивалите и манифестациите, интересните случки на и особено оние од зад сцената, за местените и реалните награди, за ЗАМП и (не)правилната распределба на авторските права, за односот на државата кон естрадата, за соработката со најголемите македонски поп и фолк ѕвезди…
За креативноста, лириката и начинот на создавање текстови за песните, за личното исуство и приватните моменти вткаени во некои од нив, за состојбите на македонската естрадна сцена, за тајфите и клановите, колегијалноста и љубомората, за влијанието врз него на неговиот татко – писателот за деца Велко Неделковски, за приватноста и животот со неговата сопруга, музичката новинарка Соња Алексоска – Неделковска, за наследникот Филип кој тргнал да чекори по трнливиот музичкиот пат…
И за уште илјада и едно нешто што не сте го знаеле или некаде само сте наслушнале нешто слично, ќе го слушнете и дознаете од прва рака само овде, во интер ток шоуто „Ништо личо“… Овој пат од нашиот и ваш гостин, познатиот текстописец, писател и автор, Огнен Неделковски.