Еден од најперспективните македонски композитори и артисти од новата поп генерација Панче Касапски го претстави својот нов видео запис за песната „Помини“ која премиерно ја изведе годинава на Фестивалот за забавни мелодии Макфест во Штип.
Спотот е направен на познати локации во Стокхолм, Шведска, изработен под директна палка на Мерт Арслани. Композитор и аранжер на оваа прекрасна балада е самиот Касапски, текстот е на Робин Зимбаков, младата пејачка Лара Иванова ги пее пратечките вокали, а миксот и мастерингот е на Роберт Билбилов.
„Помини види колку те сакам, помини види колку се лажам дека без тебе сѐ уште можам, а добро знам дека ти си ми под кожа“ е дел од текстот на баладата што ги освои срцата и симпатиите на публиката.
Касапски за првпат на македонската музичка сцена се појави на Макфест во 2013 година и оттогаш бележи голем успех со бројни хитови, како „Наивно“, „Намини ноќва“, „Уште си ми ти“, каде Касапски се потпишува како композитор.
Значаен успех Панче Касапски постигна со авторската композиција во соработка со Лара Иванова во дуетот „Само сврти се“. Оваа песна беше на врвот на сите топ листи во Македонија. Тандемот Касапски-Иванова ја продолжуваат традицијата на создавање автентичен македонски поп сензибилитет, преточен во современ светски звук актуелен на денешното време и светската поп продукција и композиција.
Во продолжение погледнете го видео спотот за синглот „Помини“: