Музика

Ивана Карајан со нова песна „Светлина во Светлина“

Македонската пејачка Ивана Карајан ја издаде најновата музичка нумера „Светлина во Светлина“.

Ивана Карајан со нова песна „Светлина во Светлина“

Заедно со Иван Лозановски ги пишуваат музиката и текстот, додека Карајан е и изведувач на нумерата, која претставува божиќна порака и покана за внатрешна светлина, за мир и за добрина што може да ја носиме во себе преку целата година.

„Песната „Светлина во Светлина“ настана сосема спонтано, речиси случајно, во еден здив. Зборовите сами течеа а мелодијата ми се вртеше во гласот без да ја мислам, без план, без намера дека „пишувам песна“. Се случи одеднаш, од преголема радост и емоција, како нешто што мора да излезе од мене во тој момент. Знаев дека не може да чека до следна година“, објаснува Карајан.

Иако периодот бил исклучително напорен со настапи, проби и многу обврски, чувството што ја „родило“ оваа песна било посилно од заморот. Затоа, Карајан со тимот одлучиле да ја реализираат веднаш, без одложување, со многу вложена енергија, време и непроспиени ноќи.

„Мојот мотив за оваа песна е благодатта што ни ја дава Бог, чувството на внатрешен мир и сигурност кога Го имаме Него во себе. Преку музиката сакав да потсетам дека со Бога животот има појасна насока а срцето станува потивко и посветло. Во време кога сме изгубени во брзината, во површните вредности и во недостигот од емпатија, за мене беше важно да се изговори една едноставна, но длабока вистина дека Бог не се менува и дека Неговата љубов и присутност се секогаш тука“, додава Карајан.

Нејзина желба е нумерата „Светлина во Светлина“ да допре до луѓето тивко, но длабоко, да ги сплоти и да ги потсети на љубовта, почитта и духовноста како основа на секое здраво човечко постоење.

На крај, Карајан посакува оваа нумера да донесе мир, здравје, љубов, надеж на сите и да биде мал потсетник дека никогаш не сме сами. Бог е секогаш со нас!

Карајан досега ги има изведено нумерите Мит, Пролетни дождови и Подобро време, за кои пишува авторски текстови и музика.

Најнови вести од Музика

To top