Триесет и седмото издание на Фолк фест „Валандово“ ќе се одржи на 26 овој месец на Фестивалската сала „Јанко Узунов“, а ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.
Ова беше соопштено на денешната прес-конференција што се одржа во Валандово, на која беа споделени информациите за Фестивалот и до каде се подготовките за ова издание.
Според градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, подготовките течеле во најдобар ред.
-Фолк фест „Валандово“ не е само валандовска гордост, туку и национална, македонска вредност, а нема македонска веселба која поминува без песни кои се испеани и коишто што почнале на оваа фестивалска сцена во Валандово. Затоа, како градоначалник на Општина Валандово ги повикувам пред се граѓаните на Општината за да бидеме, пред се, гостопримливи, но и сите наши гости од целата држава да присуствуваат и да му дадат еден посебен шарм на нашиот водечки фестивал во државата, рече валандовскиот градоначалник.
Тој информираше дека пред главната фестивалска вечер е планирано да се одржат две предфестивалски вечери на Градскиот плоштад на 24 и 25 мај.
-На овие вечери ќе настапат Драган Мијалковски, Перо Христов, Влатко Лозановски, Кирил Џајковски, Игор Џамбазов и „Ареа“ и имаме програма за сите вкусови, рече Костадинов.
Уметничкиот директор на Фестивалот, Живоин Глишиќ, информираше дека на Јавниот конкурс пристигнале повеќе нови песни, а жирито одбрало 20.
-Сметам дека тоа што го направивме и од тоа што го нудиме е само продолжување на сето што го направивме досега на Фестивалот, односно ова е петта година како овој уметнички и директорски состав го правиме Фестивалот и сметаме дека направивме едно големо искачување на одредено ниво на Фестивалот, рече Глишиќ.
На денешната прес-конференција со жрепка беше одреден редоследот на настапите на исполнителите, а наградите се доделуваат со гласање на публиката во салата и стручното жири.
И годинава водители на Фолк фест „Валандово“ се Ирена Спировска и Ѓорги Калајџиев, со директен пренос на главната фестивалска вечер на МРТВ. (МИА)