Македонија позитивен пример за врсниците

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава.

Претседателот Пендаровски го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година

Претседателот Стево Пендаровски, на церемонија во Кабинетот на претседателот, денеска го додели признанието „Успешни млади“ за 2022 година.

Признанието се доделува како поттик на научноистражувачката мисла и уметничката работа на младите во нашата држава.

За Најдобра млада научничка во општествените науки носителка на признанието е д-р Милка Ивановска Хаџиевска, која предава на Лунд Универзитетот во Шведска, додека за Најдобар млад научник во хуманистичките науки e избран д-р Бобан Карапејовски. Неговите трудови се однесуваат на теми од македонската морфологија и стилистика, со што кандидатот дал значаен придонес во проучувањето на македонскиот јазик и во развојот на македонистиката.

За Најдобра млада научничка во природно-математички и технички науки е избрана Гордана Каплан, доктор на науки во областа градежништво и геодезија, и вонреден професор на Институтот „Земја и Вселена“ при Техничкиот Универзитет во Ескишехир во Турција. За Најдобар млад научник во медицинските науки е избран д-р Филип Конески, специјалист по орална хирургија и специјализант по максилофацијална хирургија.

Во категоријата „Млад талент“ носител на признанието е Марио Ванчоски, ученик во СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип, носител на повеќе награди натпреварувања по математика, физика и хемија.

Признание за постигнат особен успех и за афирмација на инклузијата доби Кристијан Лазарев, кој зад себе има импресивни резултати во делот на инклузијата на лицата со попреченост во многу области, но најмногу во развивање и прилагодување на асистивни технологии, кои пак многукратно ќе го подобрат квалитетот на животот на засегнатите лица и како и нивниот пристап до информации, образование, вработување и општествени активности.

Во катероријата Најдобар/а млад/а уметник/чка се избрани Дарја Ризова и Чендрим Ријани, кои со своите творечки достигнувања во текот на 2022 година оствариле значаен придонес во афирмацијата на македонското театарско творештво, како во земјата така и во странство.

Во своето обраќање на церемонијата претседателот Пендаровски истакна дека носителите на признанието се позитивен пример за нивните врсници, но и за сегашните и идните генерации.

„Тие треба да бидат и да останат нашиот модел според кој новите генерации ќе се однесуваат и создаваат вредности. Нивниот пример на посветеност и вложување на своето време и својот труд во себеси, како единствен пат до успехот, треба да биде пример и за повозрасните наши граѓани. Реков и да повторам, неопходно да ги поддржиме младите и соодветно да ги вреднуваме и наградиме нивните постигнувања. Во овој контекст, верувам дека признанието „Успешни млади“ дава свој придонес и ја исполнува својата мисија и цел“, рече претседателот Пендаровски.

Претседателот Пендаровски рече дека младите таленти, научници и уметници треба да ги охрабриме, да продолжат да го развиваат својот потенцијал, така што ќе ја зголемиме нивната мотивација за нови постигнувања, а тоа е можно само преку соодветна валоризација и адекватен мерит-систем.

„На сите наши успешни, креативни млади треба да им се овозможи да бидат движечка сила на нашето општество, да имаат отворени врати во образовните и научните институции, во компаниите, во креативните индустрии. Едноставно мора да им се даде шанса, за младите и успешни поединци да останат и да ја градат својата кариера во својата матична земја со што ќе го редуцираме, инаку, огромниот одлив на млади луѓе. Се разбира, понекогаш е неизбежно и нужно, професионалната кариера и потребата од напредување и усовршување, да ги одведе и надвор од нашите граници, но, добро е тие и понатаму да бидат дел од заедички проекти, програми и истражувања на институциите во земјава, да останат и понатаму професионално поврзани со матицата. Апсолутно е критично да направиме се што е во наша надлежност за нашиот најголем ресурс – човечкиот потенцијал, да не ни заминува неповратно“, рече претседателот Пендаровски на церемонијата.

Признанието „Успешни млади“ се доделува по четврти пат за резултати постигнати во изминатата календарска година во областа на општествените, природно-математичките и техничките, хуманистичките и на медицинските науки, на млади со значајни достигнувања во уметничките и во културните практики, како и во категориите млади иноватори, таленти и успешни млади со попреченост.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top