Официјалните полициски бројки кои бележат сексуално насилство врз жените во Германија претставуваат само мал дел од реалниот број на случаи, покажа обемна студија нарачана од владата и објавена денеска.
Иако жените имаат значително поголема веројатност да бидат жртви на сексуално насилство отколку мажите, тие го пријавуваат многу поретко отколку машките жртви, покажуваат бројките, пренесе ДПА.
Вкупно 15.479 лица на возраст од 16 до 85 години биле испрашани помеѓу јули 2023 и јануари 2025 година за репрезентативната студија за безбедноста во секојдневниот живот. Таа е дизајнирана да помогне да се открие вистинскиот обем на криминалот, вклучително и прекршоците кои не се пријавени во полиција поради срам или недоверба и затоа не се дел од официјалната криминална статистика.
Бројките покажуваат дека иако жените имаат значително поголема веројатност да бидат жртви на сексуално насилство, тие имаат помала веројатност да го пријават тоа отколку мажите.
Околу 1,5 отсто од жените и 0,2 проценти од мажите биле жртви на силување или други неконсензуални сексуални чинови во изминатите пет години, откри студијата. Сепак, само 3 отсто од засегнатите жени изјавиле дека го пријавиле тоа во полиција, во споредба со 14,5 проценти од мажите.
Сепак, истражувачите забележаа дека стапката на пријавување кај мажите е подложна на неточност при мерењето поради нискиот број на случаи. Студијата исто така откри дека значителен дел од сексуалните деликти врз мажите се извршени од мажи.
Додека 98,2 проценти од сторителите на сексуални напади врз жени се мажи, 33,7 отсто од сексуалните напади врз мажи се исто така извршени од мажи.