Денес, Православната црква и нејзините верници слават празник посветен на Свети Јован Златоуст архиепиоскоп Константинополски, големиот светец и реформатор, кој е познат и како најпознат проповедник во историјата на црквата.
Тој е еден од Светите три архиереи кој го доби прекарот Златоуст заради неговите реторички способности.
Патријарх Цариградски. Роден е во Антиохија, во 354 година, од татко Секунд, војвода, и мајка Антуса. Изучувајќи ја грчката философија, Јован се згнаси од грчкото незнабоштво и ја усвои христијанската вера како единствена и целосна вистина. Крштение прими од Мелетиј, патријархот Антиохиски, а потоа примија Крштение и неговите родители. По смртта на родителите се замонаши и почна строго да се подвизува.
Тогаш ја напиша книгата „За свештенството“ и тогаш му се јавија светите апостоли Петар и Јован и му прорекоа голема служба, голема благодат, но и големо страдање. Кога требаше да биде посветен за свештеник, се јави ангел Божји: истовремено и на патријархот Флавијан (после Мелетиј) и на самиот Јован. А кога патријархот го ракополагаше, сите видоа светол бел гулаб над Јовановата глава.
Прославен заради мудроста, подвигот, и словото со голема власт, беше избран по желба на царот Аркадиј за патријарх Цариградски. Шест години управуваше со Црквата како патријарх со неспоредлива мудрост и ревност. Испрати незнабожечки мисионери кај Келтите и кај Скитите, ја сотре симонијата во Црквата симнувајќи мнозина епископи-симонисти; ја рашири милосрдната дејност на Црквата; напиша посебен чин на светата Литургија; ги посрами еретиците; ја изобличи царицата Евдоксија; Светото Писмо го протолкува со својот златен ум и јазик, на Црквата ѝ остави многу скапоцени книги со неговите беседи. Народот го прослави, завидливците го замразија, царицата двапати го испрати во прогонство. Во прогонство помина три години и се упокои на Крстовден, 14 септември, 407 година, во местото Коман во Ерменија.
Пред смртта, повторно му се јавија апостолите Јован и Петар, а и светиот маченик Василиск (се слави на 22 мај), во чијашто црква ја прими светата Причест. „Слава Му на Бога за сè!“, беа неговите последни зборови и со тие зборови душата на златоустиот патријарх замина во Рајот. Од моштите на свети Јован Златоуст главата почива во манастирот Ватопед на Света Гора, а телото во Цариград.
Како свештеник се посветил на службата за проповедање. Тој секојдневно проповедал на одредени теми, но особено на лична и социјална етика, бранејќи ги сиромашните и експлоатираните, осудувајќи ги богатите и оние што се на власт.
Свети Јован Златоуст имал голема почит кон Светото писмо и светата литургија. Во својата социјална етика, Свети Јован Златоуст докажал дека љубовта кон ближните и сиромашните е вистинска тајна.
Народни верувања за овој ден:
Тој важи за еден од најучените светци, па се верува дека на овој ден вреди да се земе книга и да се прочита барем дел од неа. Во некои делови сè уште се верува дека на овој ден, жените не треба да земаат волна, конец или игли во рацете.
А во вторник, на 28 ноември, започнува Божиќниот пост, втор по должина во православниот календар. Ќе трае шест недели до 7 јануари, сè до празникот во чест на раѓањето на Исус Христос.