Функцијата за пребарување на „Google“ под име „AI Overviews“ го цитира „YouTube“ повеќе од кој било медицински веб-сајт кога одговара на прашања за здравствени состојби, покажува најновото истражување.
Компанијата „Google“ соопшти дека одговорите на вештачката интелигенција, кои се појавуваат на врвот на резултатите од пребарувањето и користат генеративна AI за одговори на прашањата на корисниците, се „доверливи“ и цитираат угледни медицински извори, како што се американските Центри за превенција и контрола на болести (CDC) и клиниката Мејо, пренесува денес „The Guardian“.
Студија во која биле анализирани одговори на повеќе од 50.000 здравствени прашања, добиени преку пребарувања на „Google“ од Берлин, открила, сепак, дека најцитираниот извор бил „YouTube“.
Оваа платформа за споделување видеа е втората најпосетувана веб-страница во светот, веднаш по самиот „Google“, и е во сопственост на компанијата „Google“.
Истражувачите од „SE Ranking“, платформа за оптимизација на пребарувачи, утврдиле дека „YouTube“ е извор за 4,43 проценти од сите одговори што ги дава „AI Overviews“. Ниту една болничка мрежа, државен здравствен портал, медицинско здружение ниту академска институција не се приближиле до тој број, наведуваат истражувачите на оваа платформа.
„Ова е значајно затоа што ’YouTube‘ не е издавач на медицинска содржина“, посочуваат истражувачите, додавајќи дека станува збор за видео-платформа од општа намена.
Тие наведуваат дека таму секој може да објави содржина – од сертифицирани лекари до инфлуенсери и лица без никаква медицинска обука.
„Google“ наведува дека „AI Overviews“ е дизајниран да прикажува висококвалитетна содржина од реномирани извори, без оглед на форматот, и дека различни кредибилни здравствени институции и лиценцирани медицински експерти креирале содржина на „YouTube“.
Како што се наведува, резултатите од студијата не можат целосно да се применат на други региони, бидејќи е спроведена со користење прашања на германски јазик во Германија.