Живот и Стил мпц

Утре се празнуваат овие светители

Светиот маченик Јаков Персијанец

Утре се празнуваат овие светители

Светиот маченик Јаков Персијанец

Роден е во персискиот град Елапа или Вилат, од христијански родители, воспитан во христијанската вера и оженет со христијанка. Персискиот цар Издигерд го засака Јаков заради неговата надареност и спретност и го направи прв благородник на својот дворец. Поласкан од царот, Јаков се опрелести и им принесе жртва на идолите на коишто царот им се поклонуваше. Кога слушнаа за ова, мајка му и жена му му напишаа прекорно писмо во коешто го оплакуваа како богоотпадник и душевен мртовец, молејќи го сепак при крајот на писмото да се покае и да Му се врати на Христа. Трогнат од ова писмо Јаков горко се покаја и одважно ја исповеда пред царот својата вера во Господ Христос. Разгневен царот го осуди на смрт, но со тоа што деловите на телото да му ги сечат еден по еден с ? додека не издивне. Џелатите буквално ја исполнија оваа заповед на нечестивиот цар и му ги отсекоа на Јаков најпрво прстите на рацете, па прстите на нозете, па нозете, па рацете, рамената и најпосле главата. При секое сечење маченикот најпрво Му оддаваше благодарност на Бога. Од неговите рани излегуваше благоухан мирис како од кипарис. Така овој прекрасен маж го покаја својот грев и се престави со душата пред својот Бог Христос, во Царството небесно. Пострада околу 400 година. Главата му се наоѓа во Рим, а дел од моштите во Португалија, каде што се празнува на 22 мај.

Тропар
Сите се восхитија на доблесното трпение, кое ти, многустрадален, го покажа во неискажаните страдања: прекрасни благодарствени молитви вознесуваше кон Господа, за секој дел кој од тебе беше отсечен. Во страдањето твое венец примајќи, се вознесе кон престолот на Небесниот Цар Христос Господ, о Јакове: Него моли Го да ги спаси нашите души.

Седумнаесет Индиски преподобни маченици

Христијански монаси, пострадаа од индискиот цар Авенир. Царот Авенир се разлути на Старецот Варлам затоа што го крсти царскиот син Јоасаф и испрати потери по Варлам. Потерите не го фатија Варлам, но фатија други седумнаесет монаси и ги доведоа пред царот. Царот ги осуди на смрт, па откако најнапред им ги избодија очите, им ги отсекоа јазиците, им ги искршија нозете и рацете, ги убија со меч. Но со крвта на овие Христови витези уште повеќе се утврди Христовата вера во Индиското царство.

Преподобен Роман Чудотворец

Се подвизуваше во околината на Антиохија. Во својата келија никогаш не ложеше оган и не палеше свеќа. Се упокои мирно. Беше чудотворец за време на животот и после смртта. Им помага на неплодните жени кога му се молат.

Преподобен Пинуфриј

Тој е современик на Св. Касијан (29 февруари) и голем мисирски подвижник. Живееше во 4 век и се подвизуваше на разни места, с ѐ бегајќи од човечките пофалби. Имаше многу ученици, коишто се трудеа да го подражаваат возвишениот пример на својот учител.

Преподобен Натанаил

Монах нитриски. Деноноќно Му се молеше на Бога и се просветуваше со размислување за Божествените нешта. Не излегуваше од својата келија ни преку нејзиниот праг полни триесет и осум години. Се упокои во Господ во втората половина на 6 век.

Поврзани теми

To top