Живот и Стил Календар на МПЦ

Утре се празнуваат овие светители

Свети Григориј Чудотворец, епископ Неокесариски.

Утре се празнуваат овие светители

Божји човек и силен чудотворец, нарекуван втор Мојсеј. Роден од незнабожни родители, но угледни и богати, Григориј најпрво ги изучи елинската и мисирската (т.е. египетската) философија, но откако ја позна нејзината залудност и недоволност се обрати кон христијанските учители, особено кон Ориген во Александрија, кај кого учеше неколку години и од кого прими Крштение. Чист по душа и тело тој сакаше сиот себеси да Му се посвети единствено на Христа, заради што се оддалечи во пустина, каде што долго време помина во мачни подвизи. Славата за него се пронесе насекаде и Федим, епископот Амасиски, сакаше да го посвети за епископ Кесариски. Проѕорливиот Григориј ја забележа Федимовата намера, па се криеше по пустината од неговите пратеници, за да не го најдат. Најпосле Федим го посвети на чудесен начин и Григориј мораше да ја прими архипастирската служба. Му се јави Пресвета Богородица со Св. Јован Богослов и на заповед од Богородица Св. Јован му го предаде Симболот на Верата познат под името Григориев. Кој ќе ги изброи чудата на овој втор Мојсеј? Им заповедаше на злите духови, заповедаше над горите и над водите, ги лечеше сите маки и болести, пред гонителите стануваше невидлив, ги проѕираше на далечина не само настаните туку и мислите на луѓето. Земниот живот го заврши во 270 година, во длабока старост. Кога дојде за епископ во Кесарија го затекна сиот град незнабожечки и само седумнаесет христијани во него. А кога си заминуваше од овој живот го остави сиот град христијански, а само седумнаесет незнабожци во него. За ова прими венец на слава од својот Господ.

Тропар
Ревнувајќи во молитвата, искупи чудесни дејствија и така стана истоименик на исправувањето, затоа моли се на Христа Бога, оче Григорие, да ги просветли нашите души за никогаш во смрт да не преминеме.

Преподобен Никон Радоњежски

Ученик и наследник во игуменството на Св. Сергеј Радоњежски. Кога варварите нападнаа на Русија, тој Му се молеше на Бога да ја отстрани таа беда од рускиот народ. Тогаш му се јави Св. Сергеј со Петар и Алексеј, упокоените московски митрополити и му рече да не тагува, зашто таа навала е Божјо допуштение заради некое добро, таа ќе помине и мирот повторно ќе се зацари. Го обнови манастирот на Света Троица и на мнозина им послужи за пример во подвижништвото. Се упокои на 17 ноември 1426 година.

Тропар
Закрилен од благодатта Христова, на тебе повикана од великиот Сергиј, Никоне оче наш преподобен, пастир и учител во благодатта за многумина постана, не одвојувајќи го умот од созерцание на вишниот Ерусалим. Застапи се сега за нас пред Христа, ти оче свет, да добиеме од Него милост по твоите свети молитви.

Преподобен Генадиј Ватопедски

Монах Ватопедски на дохијарска (економска) должност. Тогаш на чудесен начин се наполни со масло испразнетото буре за масло. Ова чудо Ѝ се припишува на Пресвета Богородица, на Којашто Ѝ е посветен манастирот, а особено на Нејзината икона што стои таму.

Поврзани теми

To top