Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.
Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики Четврток заради Тајната вечера.
Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.
Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.
Велигденскиот пост е најстрогата форма на постење. А постот значи воздржување телесно и духовно: воздржување од мрсна храна и од гревовност. Во постот ние му даваме предност и поткрепа на духовното пред телесното. Тоа е време за повеќе молитва и за повеќе добри дела. Време за откажување од гревот и за покајание.
Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.
Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.
Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.
Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.
Светите отци постот го нарекуваат мајка на здравјето, а и современиот начин на исхрана сè повеќе му придава значење на постот, односно на откажувањето од храната со животинско потекло.
Постот е потреба и за телесното и за духовното здравје. И најважно, постот не е само воздржување и одрекување од храна, туку е важен и духовниот пост – одрекувањето и воздржувањето од секое зло и грев. Во тие дни треба да се испитаме себеси, да се воздржиме од лошите мисли, зборови и дела, да се покаеме и да се исповедаме. Да се измириме и да се очистиме. Духовно да се зајакнеме и да се збогатиме. Да правиме добри дела и да покажеме љубов кон Бога и кон луѓето.
Од телесниот пост може да бидеме и ослободени, но од духовниот пост – никако и никој, од никого, па дури ни ангел од небото не може да нè ослободи.
Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него. Тој не е страшен за нас, туку за лошите духови.“
Затоа и Исус Христос рекол: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21).
Постот на Страстната седмица
Велигденскиот пост завршува пред Страстната седмица која се издвојува во посебна седмица на страданијата. Постот, според поставениот ред, ги завршува своите 40 дена во петокот пред Лазарева сабота (во VI седмица).
Тие последни денови пред Велигден се поминуваат во строго постење, според зборовите на Господ Исус Христос, којшто рекол: „Но, ќе дојдат дни, кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш, во тие дни, ќе постат“ (Лука 5,35; Марко 2,19-20; Матеј 9,15).
Апостолските правила, Велигденскиот пост го нарекуваат Велика/Голема Четириесетница на која се надоврзува Страстната седмица, постејќи со страв и трепет.
„Четириесетница е до седумте дена пред Пасха. Потоа, шесте дни до Пасха целиот народ ги поминува во сувојадење“, вели свети Епифаниј Кипарски.
На Велики Четврток, се јаде еднаш дневно и тоа по завршувањето на Светата Литургија.
На Велики Петoк, по своја волја, некои верници не јадат ништо до зајдисонце.
Велика Сабота е единствената сабота во која се пости со пост на вода, а оние што можат, остануваат цел ден на суво јадење.
Богослужбениот живот во постот
Богослужението во Велигденскиот пост е различно од секојдневното, вон постот. Тие дни се денови на пост, покајание и проштевање. Богослужбите не се свечени, раскошни и славни. Свештениците се облечени во темни и црни одежди.
Се прават поклони со наведнување на главата до појасот – мали (допојасни) поклони, кога со десната рака ја допираш земјата или големи поклони кога се наведнува главата до земја (доземни поклони) на колена. На богослужбите има многу читање, а не само пеење, како обично.
Секојдневниот богослужен ред е подолг од вообичаеното. Сите служби во текот на денот се збогатени со дополнителни молитви за покајание и со повеќе метании – поклони до земја.
Секоја среда и петок се служи Литургија на предосветените дарови, напишана Литургија од свети Григориј Двоеслов, папа Римски. Таа се служи за да можат верниците почесто да се причестуваат во постот.
Секој петок попладне, во црква се чита Акатист на Пресвета Богородица, а оној што не може да појде в црква, може да го прочита Акатистот и дома, но подобро е в црква.
Во саботите и неделите не се прават поклони до земја и се служи Литургија на свети Василиј Велики.
Последната недела пред Страстната седмица, Неделата Цветна (на Цветници), се служи Златоустова литургија.
Секој ден од Страстната седмица се служи Литургија, освен на Велики Петок, кога Христос е распнат, умрел и бил погребан.
На Велики Понеделник, Велики Вторник и Велика Среда се служи Литургија на предосветените дарови.
А на Велики Четврток и на Велика Сабота – Василиева литургија. Овие два дена се причестуваат најмногу верници. Затоа што тие се последните две литургии во постот и затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната Вечера, а Велика Сабота е единствената сабота што се пости строг пост и затоа што сакаат верниците причестени да го пречекаат Христовото воскресение – Велигден.