Стапката на смртност од рак на белите дробови во Европската унија (ЕУ) продолжува да опаѓа и кај жените и кај мажите. Научниците посочуваат дека откажување од пушењето и натаму се смета за клучна причина за подобрување на стапките на преживување.
Додека стапката на смртност кај мажите опаѓа уште од 1990-тите години, кај жените таа продолжи да расте сè до 2010-тите. Според прогнозите на истражувачкиот тим, оваа година ќе бидат регистрирани 23 смртни случаи од рак на белите дробови на 100.000 жители кај мажите и 12 кај жените.
Според Карло Ла Векија, раководител на истражувачката група од Универзитетот во Милано, ракот на белите дробови и понатаму е главната причина за смрт од рак кај мажите и жените во ЕУ.
-Пушењето е клучен фактор за смртност од рак, покажуваат резултатите од истражувањето, наведува Ла Векија во соопштение за Европското здружение за медицинска онкологија. Намалувањето на консумацијата на тутун и понатаму е важна за превенција од рак на белите дробови, а има значајна улога и во спречувањето на други видови рак, како што е ракот на панкреасот, додава тој.
Поздравата исхрана и медицинскиот напредок исто така придонесуваат за подобрување и спас од болеста. Ако се земат предвид сите видови рак заедно, истражувачите предвидуваат дека во 2026 година стапката на смртност во ЕУ ќе изнесува 114 на 100.000 мажи, што претставува пад од осум проценти во однос на периодот од 2020 до 2022 година. Кај жените, за 2026 година се предвидува стапка на смртност од 75 на 100.000 жени, што е намалување од шест проценти. Единствен исклучок е ракот на панкреасот кај жените, кај кој стапката на смртност е зголемена за еден процент во споредба со периодот од 2020 до 2022 година и сега изнесува шест смртни случаи на 100.000 жени. Иако стапката на смртност опаѓа, бројот на смртни случаи и понатаму расте поради стареење на населението. (МИА)