Живот и Стил

Според календарот на МПЦ, утре се слават овие светители

Светиот свештеномаченик Вавила

Според календарот на МПЦ, утре се слават овие светители

Светиот свештеномаченик Вавила

Овој голем и прекрасен човек, ако може да биде наречен човек, како што се изразува Свети Јован Златоуст за него, беше архиереј во Антиохија во времето на скверниот цар Нумеријан. Нумеријан заклучил мир со некој варварски цар којшто бил многу поблагороден и помирољубив од самиот Нумеријан. Во знак на својата искрена желба за траен мир, варварскиот цар го даде своето помало синче на дворецот кај царот Нумеријан за да се воспитува таму. Еден ден Нумеријан со свои раце го закла тоа невино детенце и им го принесе на жртва на идолите. Уште жежок од злосторството и од невината крв, овој злосторник под круна појде во христијанскиот храм да види што се прави таму. Свети Вавила беше со народот на молитва, па слушна дека царот доаѓа со својата свита и сака да влезе в црква. Вавила го прекина богослужењето, излезе пред црквата и му рече на царот дека не може да влезе во светиот храм, каде што се прославува единствениот вистинит Бог. Беседејќи за Вавила Златоуст рече: „Од кого друг би се уплашил оној којшто со таква власт се однесуваше кон царот?… Тој со тоа ги научи царевите да не ја спростираат својата власт подалеку од мерата што им ја дал Бог; им покажа на свештениците како треба да се ползуваат со својата власт.“ Посрамен царот се врати, но смисли одмазда. Утредента царот го повика Вавила и почна да го укорува и да му нуди да им принесе жртва на идолите, кое светителот се разбира го одби неотстапно. Тогаш царот го окова во вериги и го фрли во затвор. Царот исто така ги истизаваше и трите деца: Урван на дванаесет, Прилидијан на девет и Еполиниј на седум години. На овие деца Вавила им беше духовен отец и учител и тие не се одвојуваа од него заради љубовта кон него. ? беа синови на една благочестива христијанка Христодула, којашто и самата страдаше заради Христа. Царот најпрво ги пореди, па на секое дете му удрија толку стапови колку што имаше години, а потоа ги фрли во затворот и најпосле ги уби со меч сите тројца. Вавила окован присуствуваше на мачењето на децата и ги храбреше, а потоа и самиот ја положи својата чесна глава под мечот. Христијаните го погребаа во окови, како што им остави завет пред смртта, во една гробница со оние тројца прекрасни младенци. Нивните свети души одлетаа во небесните живеалишта, а нивните чудотворни мошти останаа за полза на верните, како сведоштво на нивната храброст во верата. Пострадаа околу 250 година.

Тропар
Твоите деца духовни, о свети Вавило, Урван, Прилидијан и Еполониј, станаа новонасадени маслини во Господовите градини, о чувару на дверите црковни, мачеништвото твое како пареа мириса да се разлее пред Христа, умилостувајќи Го да не ги заборави Неговите деца.

Светиот пророк Мојсеј Боговидец

Голем водач и законодавец на народот Израилски. Роден е во Египет околу 1550 година пред Христа. Четириесет години живееше во Египет на дворецот на Фараонот; четириесет години живееше како пастир во созерцание на Бога и на светот; а последните четириесет години го водеше народот низ пустината во Ветената Земја, којашто ја виде, но не влезе во неа, бидејќи во едно Му згреши на Бога (4 Мојсеева 20, 12). Се упокои во сто и дваесеттата година од својот живот. Како чудотворец, според зборовите на Свети Василиј Велики, Мојсеј беше предобраз на Христос. Се јави на гората Тавор при Преображението на Господ. А според сведоштвото на Свети Јован Лествичник, им се јавувал на монасите во Синајскиот манастир.

Тропар
Од Капината Која гори и не согорува, Господ нашиот Бог во славни дела Негови те приведе, и дарови подари за спасение на народ Негов да послужат, о Мојсее, Божји пророче. Те закити благодатно Седржителот, и на секој збор твој се јави Милостивиот, за да не се исмее силата Негова во тебе. Затоа пред Него застапи нe, Боговидче, кој времето ќе го објавиш при Неговото второ пришествие

Светите маченици Маркел и Касијан

Царот Максимијан Херкул нареди дека сите војници мораат да им принесат жртви на идолите. Маркел во тоа време беше војник, а Касијан нотар (писар). Тогаш Маркел како христијанин рече: „Ако војничкиот позив е поврзан со жртвопринесување на идолите, јас не можам да бидам војник.“ Па го симна војничкиот појас и оружјето и ги фрли од себе. Веднаш беше осуден на смрт. Касијан требаше да ја напише смртната пресуда за Маркел, но тој одрече да ја напише. Беа убиени заедно и душите им се преселија во Царството Небесно.

Тропар
Осветувајќи се од верата која спасува, патот го исправивте, горите ги израмнивте, и душите за Христа ги обручивте, засакувајќи ја вистината која води во живот вечен, о Маркеле и Касиане. Како војници непоколебливи пред Господа да се удостоиме на небесната татковина.

Поврзани теми

To top