Живот и Стил верски календар

Според календарот на МПЦ, утре се слават овие светители

Свети Теофилакт, епископ Никомидиски

Според календарот на МПЦ, утре се слават овие светители

Кога првиот царски советник Тарасиј од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на Св. Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Св. Теофилакт в лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови Св. Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања и најпосле Му ја предаде својата света душа на Господ околу 845 година.

Тропар
Блажен си ти, Теофилакте епископе, на кого Христос срцето со милост го преисполни, служејќи им на болните, хромите, слепите и немоќните, духовни начела во нивниот живот постави, заштитнику на православните икони, мачениче без крв, кој мноштво венци здоби, моли се за оние кои го чествуваат твојот свет спомен.

Светиот свештеномаченик Теодорит

Царот Константин во Антиохија изгради соборна црква со особена убавина. Народот ја нарече Златна црква, заради позлатата однатре и однадвор и многубројните садови во црквата од злато и сребро. Царот ? подари на оваа црква голем имот за издржување на свештениците, чиј број во неа беше голем. Чувар на оние садови и на сите драгоцености во црквата беше Теодорит, свештеник со голема вера и ретко благочестие. Тогаш почна да царува Јулијан Отстапник, кој иако беше крстен се одрече од Христа и подигна гонење на христијаните. Неговиот чичко, којшто и самиот се викаше Јулијан, дојде во Антиохија и ја ограби Златната црква, а Теодорит како ризничар го зеде и го изведе на суд, и го советуваше да се одрече од Христа. Теодорит не само што не сакаше да се одрече од својот Господ туку го изобличи и царот Јулијан за отпадништвото од верата, како оној којшто повторно се вратил на идолопоклонскиот блуеж. Кога злиот судија од дрскост отиде и мокреше во Златната црква, Теодорит му прорече ужасна смрт, којашто наскоро и го снајде. Светителот беше убиен со секира, а судијата Јулијан од мигот кога мокреше во црквата во долниот дел од телото го спопаднаа страшни болки. И тој дел од телото му го разјадоа црви, па ја изблуи својата отпадничка душа во најгрозни маки. Така и неговиот помошник Феликс, според пророштвото на Свети Теодорит, умре набрзо по убиството на праведникот, со крварење на устата. Свети Теодорит го обезглавија и се пресели во Христовото Царство во 362 година.

Тропар
Ризницата на благодатта Христова и сад пророчки за непокајаните постана, ти Теодорите, слуго на Вишниот, молитвите твои правдата Господова во милост ја преточија за оние кои го празнуваат твојот свет спомен, и Бога Го прославуваат во вечни векови.

Поврзани теми

To top